Живот и работа во Германија: Правила за Западниот Балкан

Информации за работна дозвола за граѓани на земјите од Западниот Балкан

Размислувате ли да ја изградите Вашата иднина во Германија?

На овие страници ќе најдете информации за дозволата за престој, условите и процедурите за државјаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Ве информираме за можностите за дозвола за престој за вработување во Германија и кои услови треба да ги исполните.

Вашиот пристап до германскиот пазар на труд во рамките на т.н. регулатива за Западен Балкан (чл. 26 став 2 од Уредбата за вработување) За државјаните на земјите од Западен Балкан, на 01.01.2016 беше создаден дополнителен пристап за започнување на вработување, кој генерално им овозможува да аплицираат за виза за вработување независно од квалификацијата (чл. 26 став 2 од Уредбата за вработување). Ова се однесува на државјаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Регулативата за Западен Балкан има фиксна квота. Во текот на една календарска година, Федералното биро за вработување може да издаде до 50.000 одобрувања за дозволи за престој. Условите за одобрување за започнување на вработување се генерално следниве:

  • конкретна понуда за работа / работен договор,
  • условите за вработување да се еквивалентни на оние на споредливи работници во Германија,
  • кандидатот не смее да примал бенефиции според Законот за бенефиции за азиланти во последните 24 месеци пред поднесувањето на апликацијата,
  • другите визни услови се исполнети (особено заработувачката да биде доволна за покривање на животните трошоци).

Пред поднесувањето на апликацијата за виза во дипломатското претставништво потребно е да се аплицира за одобрување за вработување од Федералното биро за вработување (БА – на герм. BA) во рамките на претходниот процес за одобрување според чл. 36 став 3 од Уредбата за вработување. Вработување во рамките на испраќање на работници не е возможно според оваа законска основа.

Како понатаму?

Лицата од Западен Балкан кои нашле работно место во Германија и сакаат да започнат работа според оваа законска основа и за кои е издадено претходно одобрување за вработување според чл. 36 став 3 од Уредбата за вработување, треба да се обратат со работниот договор директно до германското дипломатско претставништво во својата матична земја (надлежно е само соодветното дипломатско претставништво во една од шесте земји од Западен Балкан) за да аплицираат за потребната виза за вработување. Покрај работниот договор и евентуално доказ за стручна квалификација, треба да се достават и другите потребни документи за издавање на визата. Доколку се издаде соодветна виза, лицето по влезот во Германија се обраќа до локалната канцеларија за странци за да аплицира за дозвола за престој.

Пронајдете го седиштето на Vашето соодветно германско дипломатско претставништво на www.auswaertiges-amt.de.

Лицата кои за прв пат аплицираат за дозвола за престој според оваа законска основа и имаат 45 години или повеќе, мораат да имаат работен договор со гарантирана плата од најмалку 55% од годишната основица за придонеси во општото пензиско осигурување или соодветна пензиска осигурителна шема. За 2024 година, минималната годишна плата е 49.830 € бруто, односно 4.152,50 € бруто месечно. Исклучоци се можни ако постои јавен, особено регионален, економски интерес за вработување на странскиот државјанин или интерес на пазарот за труд за вработување на странскиот државјанин.