Дозвола за работа

Информации за апликанти со одредени квалификации

Како до работна дозвола?

За да започнете да работите во Германија, во повеќето случаи Ви е потребно одобрување од Федералното биро за вработување.

При аплицирање за дозвола за престој која овозможува вработување, германскoто дипломатско претставништво или Канцеларијата за странци проверува дали станува збор за вработување кое е ослободено од одобрување или пак вработување кое бара одобрување. Ако станува збор за вработување кое бара одобрување, тие го вклучуваат Федералното биро за вработување преку интерен процес.

Вие сте стручњак со академско образование:

Ако имате универзитетска диплома и добиете понуда за работа од работодавач во Германија за позиција која одговара на Вашата диплома, можете да аплицирате за т.н. „Сина Карта ЕУ“ („Blaue Karte EU“). Прво треба да се провери дали универзитетската диплома има споредливо ниво со диплома од германски универзитет. Потребно е бруто годишен приход од најмалку 45.300 € за 2024 година. Овој износ се менува годишно.

Ако имате универзитетска диплома во професија која моментално е многу барана во Германија (менаџери во различни области, на пример, во комуникациска и информациска технологија, грижа за деца, здравствен или образовен сектор, рударство, градежништво, логистика, лекари, ветеринари, стоматолози, фармацевти, стручњаци за архитектура, урбанизам и сообраќајно планирање, стручњаци во областа на математиката, информатиката, природните науки и техниката, академски и слични медицински сестри и акушерки, како и наставници и едукатори во училишен и вонучилишен контекст) и добиете понуда за работа, можете да аплицирате за „Сина Карта ЕУ“ („Blaue Karte EU“) со бруто годишен приход од најмалку 41.041,80 € за 2024 година. Овој износ се менува годишно.

Сопствениците на Сината Карта ЕУ („Blaue Karte EU“) можат да добијат дозвола за постојан престој по 27 месеци или по 21 месец со доказ за доволно познавање на германскиот јазик. Издавањето на Сината Карта ЕУ („Blaue Karte EU“)  е можно само ако станува збор за работно место на академско ниво за кое универзитетската диплома Ве квалификува. Потребно е работното место да е адекватно на студиите.

Ако не ги исполнувате условите за Сина Карта ЕУ, сепак можете да аплицирате за дозвола за престој за вработување.

Вие сте стручњак со стручна квалификација:

Ако имате стручна квалификација и конкретна понуда за работа, можете да добиете виза за вработување, ако Федералното биро за вработување утврди дека условите за вработување се еквивалентни на оние за домашните работници во Германија.

При аплицирањето за дозвола за престој, исто така, треба да се провери дали стручната квалификација одговара на соодветната германска стручна квалификација. Информации за овој процес можете да најдете на германски и англиски на веб-страницата www.anerkennung-in-deutschland.de.

Ако агенцијата за признавање утврди дека за еквивалентност на квалификацијата се потребни дополнителни квалификации, под одредени услови може да се дозволи вработување на помошничко ниво паралелно со процесот.

Вие сте искусен професионалец:

Со добро практично знаење од областа, можете да добиете дозвола за престој дури и ако немате призната или еквивалентна стручна квалификација во Германија. Доволно е Вашата стручна квалификација (стручно образование од најмалку две години или универзитетска диплома) да биде призната во државата каде што е стекната. Не е потребно да постои професионална врска меѓу стекнатата квалификација и посакуваната работа. Меѓутоа, потребно е да имате релевантно работно искуство од најмалку две години во последните пет години, кое Ве квалификува за посакуваната работа во Германија. ЗАБ (ZAB) (Централната агенција за странско образование) потврдува во форма на дигитално уверение дека стручната квалификација или универзитетската диплома е призната во државата каде што е стекната.

Потребно е бруто годишен приход од најмалку 40.770 € за 2024 година. Овој износ се менува годишно.

Како ИТ-специјалист, можете да започнете работа во Германија дури и без стручна квалификација. Можете да аплицирате за Сина Карта ЕУ („Blaue Karte EU“)  ако го достигнете потребниот праг на приход од најмалку 41.041,80 € и имате три години работно искуство во последните седум години. Вашето работно искуство треба да одговара на работата на ИТ-специјалист. Ако имате помалку од три години, но најмалку две години работно искуство во последните пет години, можете да добиете дозвола за престој за вработување како ИТ-специјалист без диплома. Потребен е бруто годишен приход од најмалку 40.770 €. Овој износ исто така важи за 2024 година.

Забелешка:

Имате прашања? Погледнете го порталот за добредојде www.make-it-in-germany.com/en/. Тука меѓународните стручњаци и работници можат да најдат информации за своите можности за кариера во Германија и зошто вреди да се живее и работи тука.